Search

„Колатерална штета“ - Линет Исон


Марина Кљијиќ



Имав чест да добијам копија од вториот роман во издание на младата Збор Издавачка Куќа, - „Колатерална штета", прв од серијалот „Опасноста никогаш не спие". Сѐ што можам да кажам е : одличен избор, секоја чест!

Неизвесна, напната, полна со акција, приказна која задржува внимание од прв до последен збор. Без разлика кој е вашиот омилен жанр, ви ветувам дека ќе уживате во овој одличен роман.

Збир од неколку приказни, комплексно поврзани меѓусебно, откриваат еден сложен меѓународен заговор чие влијание е разорно. Ликовите кои ќе ги сретнете се високо обучени професионалци, тимови од воени службеници, медицинари, психијатри, истражувачки новинари, детективи... кои преку својата работа и нивните испреплетени врски, создаваат кохезија од соработка која доведува до воодушевувачки, бомбастичен расплет.

Толку многу нешта се случуваат во оваа книга. Постојано ќе бидете во неизвесност, возбудени, во очекување на ново навестување, полни со претпоставки, предвидувања, но дефинитивно секогаш, на секоја раскрсница од настани, ќе бидете изненадени. Забрзан пулс е нешто што постојано ќе ве придружува низ страниците на оваа прекрасна приказна. Од првата сцена во Кабул, во која се запознаваме со главната протагонистка, воениот психијатар Брук Адамс, низ средбата на Адамс со Ашер Џејмс, поранешен наредник во армијата за специјални единици, кој исто така служел во Авганистан, другиот главен протагонист, до настаните на домашно тло во Америка, - преовладува возбуда, драма, акција, неизвесност - со еден збор - 343 страници уживање! Ќе се потрудам да не ви откривам ништо, колку и да е невозможно да се воздржам и да си ја задржам оваа бура од измешани емоции која не стивнува!!! Бидете подготвени да се соочите со длабоки трауми предизвикани од грдото лице на човештвото - военото, злобното, нехуманото. Бидете подготвени за грчење на желудникот, за пукотници, експлозии, викотници, изгореници... постојано газејќи на тенката линија меѓу живот и смрт.

Одличниот баланс меѓу напнатоста и романсата, длабочината на емоциите, лесното поврзување на ликовите со читателот се клучните нешта кои и даваат убавина на оваа книга,како и хемијата меѓу двата носители на дејството - Џејмс и Адамс. А посебно ме допре и ме воодушеви одлуката на авторката да внеси религиски сегменти во совршено одбрани делови, што го прави ова дело, со сите тие негативни случувања, трауматски настани, грозоморни сцени од една страна и христијанството и Бог како контраст од друга, едноставно маестрално. Со душа го чекам вториот дел.

Уште еднаш, браво за изборот!



85 views0 comments