top of page
Search
Writer's pictureEmilija Zlatkova Anastasova

Ловејќи го веторт - Мелани Добсон





Андриана Ристевска (Продолжи да читаш - блог) "Можеби сме немоќни на моменти во овој живот, но на хартија, можеме да ги истераме нашите демони." Квенби Вон, американска новинарка која работи во Лондон, е дојдедна до ќор-сокак. Нејзиниот претпоставен бара таа да напише приказна за семејството Рикер. Меѓутоа сите роднини одбиваат да разговараат за нивните тајни. Токму во тој момент на очај таа добива повик од Даниел Витез. Тој сака таа да пронајде една негова пријателка која ја изгубил во виорот од Втората светска војна. Во меѓувреме таа е повлечена од приказната за Рикерови, па така, нејзината љубопитност не ја остава да ја одбие понудата од Даниел. Но не е воодушевена со фактот дека треба да работи со неговиот адвокат, Лукас. Си има свои причини што не се зближува со луѓе, но оваа понуда можеби ќе смени многу нешта, како за неа, така и за луѓето кои се споредни ликови во приказната. Дали ќе успее да најде исчезната личност која ниеден приватен детектив не можел да ја најде? Дали едно ветување старо седумдесет години може да се исполни? Ова ми е прва книга од Мелани Добсон и не ми беше познат нејзиниот стил. Но, во ниеден момент не се сомневав дека ќе биде добра приказната. Иако се работи за тешка и емотивна тема, на еден магичен начин сето тоа е прикажано што не можеш да ја испуштиш книгата од раце. Вклучени се многу интересни историски податоци за Втората светска војна, но не натрупано, туку убаво вклопено во приказната. Поетичната нарација е како река, од првата страница те повлекува и како временска машина те носи назад во времето. Многу ми се допадна како паралелно се прикажани два временски периода, со цел некои делови да се појасни за читателот. Обожавам книги од таков тип. Една од темите што ја допира оваа книга е напуштеноста и недостигот на семејна топлина. Чувството на отфрленост и двоумењето во самиот себе се сеприсутни, чувства кои никое дете не треба да ги осети. Борењето со тие демони е тешко и најчесто самостојно. Но и покрај сите неправедности, чистата душа на крајот си останува чиста како солза. Една од најубавите историски драми што ги имам прочитано. Одлично првенче на Збор.


31 views0 comments

Comments


bottom of page