top of page
Search

ОСВРТ КОН ДЕЛОТО „ТИ НЕ СИ ТОЈ“ ОД АНИТА ПЕТРОВА

Десанка Николова



„ - Знам, ме мразиш и ова е само резултат на тоа што те повредив – се тешеше Иван.

Но Ада успеа набрзо да го прекине во неговиот филм.

- Не Иван. Не! Јас имам друг во животот. Тој е МОЈОТ СВЕТ Иван! Тој е ВИСТИНСКИОТ ЧОВЕК ЗА МЕНЕ! Тој е МОЕТО СЕ! А ти никогаш не си бил и не можеш да бидеш ТОЈ! Едноставно е: ТИ НЕ СИ ТОЈ!“


Романот „Ти не си тој“ и покрај тоа што е дебитантска книга, претставува потврда за творечката зрелост на автроката и раскошниот талент за пишување што го има Анита. Тоа лесно се забележува уште во првото нурнување меѓу кориците на романот. Анита како мудра умница употребува убави мисли и цитати со кои без сомение ќе го освои срцето на читателот, па ќе каже:

„Љубовта деца, не е во очекувањата! Љубовта е внатре во вас. Кога ќе и тропнете на врата, не стојте на прагпт. Влезете внатре без да размислувате....Знаеш, јас не сакам дефиниции за љубовта. Не обожавам да велам те сакам. Љубовта според мене се познава по односот меѓу паровите, а не по зборовите. – Ете така вели Анита, која уште на самиот почеток во нејзиното обраќање до читателот ќе порача: Не доживувај ја љубовта површно и не барај љубов за да бидеш среќен. Биди љубов,дарувај љубов!“

Да се љуби значи да се живее. Љубовта ја облагородува и ја оплеменува душата. Таа е најсилното, најмоќното и најискреното чувство. Најскапоцениот подарок кој некој може да подари или добие...

Романот „Ти не си тој“ е ода на љубовта. Но колку и да звучи или на прв поглед да изгледа само како љубовен роман, „Ти не си тој“ е повеќе од романса.


Романот „Ти не си тој“ е лекција за пријателството. За она вистинското, искреното.Возвишено и чисто. Пријателство какво што секој од нас посакува. Пријателство кое му е потребно секому за да се поминат сите препреки и искушенија пред кој не поставува животот.

Романот „Ти не си тој“ е четиво за емоционалното созревање на личноста која ги надминува сопствените емотивни падови и неуспеси, која сама себе се гори и од сопствената пепел одново се раѓа, посилна.

„Ти не си тој“ е патопис за Милано. Градот на модата кој во секој свој сегмент го одзема здивот. Преубавите описи на улиците на Милано, културно-историските знаменистости, околните пејзажи, мистиката и егзотичноста на природата, но и начинот колку сето тоа е раскажано на посебен начин и со посебна страст, делува како посебен зачин во романот.

Романот „Ти не си тој“ е прирачник за корпоативно однесување. Водич за управувањето со човечките ресурси. За тоа што значи грижа за вработените. Како се гради позотивна организациска клима и култура. Прирачник за тоа како една организација расте и станува силна преку градење на добри меѓучовечки односи, а секако клучна улога имаат забавите после работа, екскурзиите за време на викенд кои се своевиден тим билдинг и мотивацијата кои ја имаат вработените.

Пред нас имаме една интересна, инспиративна приказна за пресвртите во животот на убавата модна дизајнерка Ада која и покрај големото разочарување и неверството кое го преживува, успева да ја победи болката и да го пронајде вистинскиот ТОЈ.

Ада е навистина прекрасна, барем така јас ја доживеав од прочитаното:

„ Вајано тело, долги нозе, раце од свила, лице бело ко снег исенчано со ќерамидна боја, полни румени усни толку црвени небаре се јагоди, долга коса и преубави очи ја красеа нејзината фигура.“

Композициски романот е интересно структуиран.Поделен е во четири делови и дваесет и едно поглавје. Секое поглавје носи наслов. Пред секој од деловите на романот авторката вметнала цитати, пораки кои всушност се интертекстови во функција на книжевниот дискурс.

Низ романот не води сезнаечки-оминисцентен наратор, кој раскажува во трето лице. Сеприсутен е , се гледа и се знае.

И покрај тоа што се добива впечаток дека дејството се одвива хронолошки, дејството посебно во првиот дел е своевидна реминисценција. После првото поглавје „Немирот во нејзиното срце“, нараторот прави ретроспекција на се она што се случувало и како се случувало до моментот на големото разочарување и секако новиот почеток.

На самиот почеток е забележителна појавата на лик-анафора во функција на раскажувачкиот дискурс. Тоа е ликот на старицата (нана) која се појавува како олицетворение на мудроста, животното искуство, себеспознавањето и созревањето кое води до конечно ослободување и пронаоѓање на вистинската љубов и среќа.

Прекогнацијата која во себе ја носи моментот со посетата на изложбата на Леонета, фактот дека Ада секогаш поаѓа од последната фотографија , но и фотографијата која и го привлекува вниманието, исто така имаат своја функција во раскажувачкиот дискурс, која не е за занемарување.

А што имаше на фотографијата?

„ На фотографијата имаше млада девојка облечена во долг тиркизен фустан со сребрени обетки од сафир, а нејзините сребрени чевли толку и доликуваа на нејзините сини очи. Свиреше на пијано, а до неа со чаша црвено вино ја придружување црн, висок зеленоок партнер.“

Нарацијата во романот е организирана во неколку раскажувачки дискурси кои се рефлектираат во раскажувачките сегменти. Фабулата може да се толкува преку неколку сижетни линии прикажани преку релациите на ликовите.

  1. Односот Ада – Леонтина

  2. Оносот Ада – Иван

  3. Односот Ада – Фабрицио

Ада и Леонтина се најдобри пријателки. И повеќе од тоа. Нивната приказна е симбол на вистинското пријателство, на тоа што значи вистински другар. Пријателство кое е безусовно, искрено, чисто, неоптеретено со лаги и љубомора. Леонтина е се што треба да биде кога Ада не успева. Таа е делот кој и недостасува кога треба да биде храбра, одлучна. Ѕвезда водилка која ја води до стигне до целта.

Во првиот дел од приказната ја следиме љубовта на Ада и Иван. Двојниот живот кој го води Иван и неговото неверство ја уништуваат Ада. Но тука не завршува приказната.

Колку и да изгледа наивно, Анита многу мајсторски не дозволила да се појави наративен дефицит. Она што секако ми остави впечаток е појавата на лик-дублет.

После големото разочарување и желбата за нов почеток во приказната е воведен ликот на Фабрицио, кој на крајот е мелемот за раната на Ада и баш тој е тој.

Сепак неверството на Иван што ќе ја разочара и рани Ада, во ликот на Фабрицио се трансформира во неговата мрачна тајна (за поранешниот брак со Луција). Во таа насока, Фабрицио го заменува Иван во семнатичкото поле на Ада. И пак разочарување. Но овој пат како резултат на избрзано донесена одлука, на гордост на разнишана доверба...

И кој друг ако не Леонтина е таа која што ќе и помогне на Ада за да дојде до целта и конечно да ужива во среќата.

Ако книжевниот дискурс го интерпретираме низ призмата на актантскиот модел на Грејмас може да забележиме статичност во однос на актантските куќички. Позициите на актантите се јасно дефинирани. Во таа насока доминантен е психолошкиот траголник со психолошко-идеолошка карактеризација на односот субјект-објект.

Поставеноста на ликовите е еден од структурните елементи на овој роман.

Врската меѓу културниот простор меѓу Македонија и Италија е со доминантна предикативност на главниот лик од Македонија во Италија.

Од аспект на Другоста станува збор за комуникација на две култури кои меѓусебно се валоризираат .

Во креирањето на приказната своја наративна улога имаат и датумите, дури и точното време. Топонимијата исто така е вклучена како сегмент. Појавувањето на топоними од Македонија и Италија како сетинг во кој се случува дејството создава мрежа од различни простори кои меѓусебно кореспондираат...Тука некаде ќе оставам три точки за да можете и Вие како читатели да имате простор за вашето мислење!

Јазикот на Анита Петрова е лесен, едноставен, разбирлив. Описите се природни и ненаметливи. Нарацијата е спонтана.

Со овој роман, писателката тивко но достоинствено и храбро влегува во светот на литературата во нашата земја, како нејзина надеж.

Сигурна сум дека ќе го прочитате во еден здив, но ќе сакате повторно да му се навраќате за да бидете дел од таа убава магија.

Овој роман го заслужува вашето внимание и со право треба да биде дел од полиците на вашата домашна библиотека.


130 views0 comments