top of page
Search

Осврт кон "Македонствување"



Анита Станинова Мирчева

Македонствување е воскреснување и чување на сѐ наше македонско, Македонскиот јазик, македонската култура и традиција, македонскиот идентитет, македонските духовни вредности.

Две книги во една. Македонштина исткаена во стихови! Секој стих е борба за Македонија. За нашата татковина, која вековно е поробена. Од душамни туѓи, но и клетници свои. Како некое проклетие низ вековите да ја гази, како клетва судбата да и ја мати, па тага македонските мајки мора вековно да ги прати.

Кој ли не проколна

Кој ли анатема ни фрли

Во земја своја туѓинци да бидеме

Очите да си ги копаме

Да не сакаме да се видиме?

Кој ли не проколна

Огништето туѓина да ни биде

Во своја куќа да седиме

Домот да не си го познаваме

Да тажиме над судбата своја

Дека овде сме се родиле

И место горди на коренот да си бидеме

Ние сме се одродиле?

Кој ли анатема ни фрли

Во своја куќа потстанари да бидеме,

при куќа без дом да останеме

при име безимени да станеме?

Кој не проколна

Приказните од памтивек да ги заборавиме

Кнедла во грло да ни стои, да не ги кажеме

Коренот да ни се суши

Дрвото без гранки да ни остане

Да нема кому приказните да ги раскажеме?

Кој ли не проколна

Кој ли анатема ни фрли

При очи слепи да бидеме

Домот од раце да ни го земат

Да гледаме а да не вдиме

Кој ли не проколна

Сами ли во клетва се завивме

Та слуги покорни од себе направивме!




Поетскиот манифест „Македонствување“ го сочинуваат стихозбирките „Грутка во грлото“ и „Мудровезби“.

Станува збор за субјективна лирика. Книгата, како и да ја завртиш има само почеток без крај, затоа што Македонија е љубовна приказна без крај.

Преку песните во Грутка во грлото, го запознаваме поетот патриот,родољуб, но и рефлексивниот лиричар.

Оската на поетскиот дискурс околу која се вртат сите стихови на авторката во „Грутка во грлото“ е лирско-епската потрага по идентитетот (индивидуален и национален), потрагата по смислата на постоењето, по нашето, македонското, по јазикот ни мајчин македонски.

Оти јазикот, наш тестамент е! И татковина и дедовина! Оти јазикот е нашата татковина! Чувајте го сакаат да го земат. Ако и јазикот го земат, мојот народ ќе го снема. А дрво без корен не може да расте, ќе се суши - ќе пресуши, како свеќа ќе се стопи, ќе згасне. Без своја куќа ништо ќе станеме, при очи - слепи ќе останеме, при куќа – дом што ни е, бездомници во светот ќе бидеме.

На овој тестамент дедов душа боли, солзи ми течат. Без збор останувам што да речам. Со благослов божји сме благословени, ама недораснати и одродени. Да бидеме глас што ќе одекне силно, ко славејчиња на македонски да си пееме милно.

Грутка во грлото ми стои и морници ме лазат од зборовите твои, ете сакаат и јазикот да ни го земат, сакаат да не постоиме, да не нема, оти јазикот ни е душа и дедовина, оти јазикот ни е лек и медовинна, јазикот ни е единствена татковина

Поетските текстови во „Мудровезби“ колку се интимни, толку се и рефлексивни. Секоја од песните во овој дел, како интертекст ја содржи народната мудрост која авторот ја трансформира, за да испрати нова порака.

Во најголем дел од песните, поетесата преку инвокација, се обраќа до читателот.

Николова, употребувајќи филозофско-лирска метафора, совршено постигнала креативно единство меѓу лирското и рефлексивното, меѓу поетското и филозофското во поезијата.

Овие песни проткаени со животни искуства и вистини претставуваат и своевидна мотивација. Читајќи ги стиховите, читателот добива впечаток дека си пронашол нешто свое, дека тие стихови му се посветени токму нему, дека во метонимиското структуирање на песните, опеана е неговата животна приказна. Приказна која истовремено е и сечија и ничија, толку наша и блиска до секој од нас.

Стихот на Николова зрачи со полнокрвни метафори со кои се претставува сушноста на јазикот македонски.

Мудровезбите завршуваат со интерактивен дел, во постмодернистички манир. Тука е оставен простор за читателот. Читателот е тој кој што треба да ја напише последната песна како почеток на нешто ново.

А јас за крај на оваа прекрасна поетска вечер, исполнета со емоции од збор создадени, па грутка во грлото претворени, камен на душата натежнати ќе ги оставам за мене најсилните стихови кои Деси ги изглаголила, за нашата ни мила единствена родина, татковина, мајка Македонија! Родина, татковина која крвава историја испишала, за своето вековно име да го сочува, па се уште гласно, јасно и силно извикува СЕ ВИКАМ МАКЕДОНИЈА!


14 views0 comments
bottom of page