Поетскиот ракопис „Корени“ содржи 49 песни кои претставуваат една целина.
Како пролог или место вовед, стихозбирката започнува со еден, топол, лирски запис „Улицата од моето детство“ која што претставува реминисценција кон детството во родниот град, но истовремено оваа песна е и алузија на се она што како семантичко поле треба да го открива читателот во поетскиот дискурс.
Уште при првиот прочит, првото нурнување низ стиховите и меѓу стиховите во стихозбирката се забележува дека мисловните содржини се предмет на најдлабокото субјективно доживување и тие го придвижуваат внатрешниот свет на авторката. Лирскиот субјект ги искажува чувствата и мислите, своите доживувања предизвикани од случувањата во надворешниот свет.
Поетскиот ракопис „Корени“ на Катерина Алексова Наумова воодушевува со родољубивиот и носталгичен поетски дискурс кој импонира со својата оригиналност и повеќезначност. Нејзините стихови се проникнати со богати книжевни, традициски, естетски и животни искуства.
Во песните на Алексова Наумова, лирскиот субјект истовремено е и поетово Јас и општочовечко Ние, при што рафинираноста на поетскиот израз се остварува како резултат на автентична поетика.
Целата стихозбирка е една извонредна метафора, една исклучителна споредба на човековата индивидуа со просторната бесконечност, а таа просторна бесконечност ја поврзуваат корените. Корените истовремено се и врска помеѓу два светови, подзмениот и земниот. Корените се симбол за неуништливоста и вечното постоење (чување) на животот. Па така, во еден од најсилните поетски крикови, во истоимената песна Корени, крикнува:
„ама колку и отров да прскаа
не можеа стеблото да ни го уништат
ниту коренот да го исушат
туку само желбата да се зацврстиме поголема ја сторија“
Во поезијата на Катерина, мошне умешно се нијансирани најсуптилно остварените споеви меѓу лирската и филозофската компонента. Сугестивната лирско-филозофска метафора врмена во триаголникот корен-земја – камен претставува еден исклучително слоевит и длабок лирско-филозофски хронотоп. Тоа е хронотоп кој ги обединува и просторните и временските аспекти на поетското поимање на Универзумот. Бидејќи има и егзистенцијални, и чувствени, и мисловни аспекти и носивости, тој, всушност претставува обогатен или проширен хронотоп, па како таков не може да биде ни разгледуван преку елементарните мерки за времето и за просторот, туку преку најдлабоки и најсуптилни мисловно-опсесивни и чувствени мерки за вечното, бесконечното.
Авторката употртебувајќи филозофско-лирска метафора, совршено постигнала креативно единство меѓу лирското и рефлексивното, меѓу поетското и филозофското во поезијата. Во таа насока ќе ја издвојам песната „Нашата куќа“, која што отвора низа егзистенцијални прашања вткаени во синтагмата нашата куќа.
„Градеа куќи, кој со слама и кал,
кој со камен, кој со цигла и малтер.
Ние нашата ја градевме со слама и кал
и мислевме вековита да ни биде.
Во сламата ја ставивме душата,
а во калта ги вдомивме солзите
и ги измешавме и крвта ја зовревме.“
Катерина, мошне умешно ја вградува емоцијата во песната која е акустична. Носталгичното чувство насочено кон минатите мигови се пренесува низ стиховите и најприсутно е во песните: Постела, Старото место, Вечност, Домот, Сага за нашето огниште, Жолтиот куфер, Старата куќа и др. Тука, поетскиот дискурс е слика за спомените кои лежат здиплени некаде во аголот, за забранетата одаја, за земјата со чии дробови поетот дише, за мислата зрела преточена во чашата на поезијата, за самувањето во толпата, за немувањето во пораките, за оглувувањето во мигот, за заборавеното време, за изгубените идеали, за тајната на предците.
Во лирските отпечатоци на Катерина Алексова Наумова се препознаваат четирите основни елементи од коишто е создадено сѐ: земјата, водата, воздухот и огнот. Најчестите лексеми во нејзината поезија коренот, каменот и земјата, но и слама и кал, всушност имплицитно и експлицитно укажуваат на четирите основни елементи и како знак и како означено и како нешто што стои од другата страна на знакот. Така, земјата, водата, воздухот и огнот се знаци со кои таа ја кодира опстојбата на душата во секојдневието на безумието, во долот на болот, во ходниците на осаменоста, во многубројните потврдувања и негирања на себеспознанието, во бесконечните артикулации упатени до небото преку патиштата од камен под кои поминуваат длабоките корени како одглас на минатото, но истовремено и мост со иднината.
Земјата се препознава како мајка хранителка, но и како потпора, како грутка која не може лесно да се скрши, бидејќи се метаморфозирала во камен. Таа, во исто време, укажува и на крепоста на векот која се потпира врз каменот на зборот и на минливоста на материјата, бидејќи сѐ е земја и повторно ќе се врати во земја. Таа е есенција на материјата и основа за раѓањето на формата.
Водата го разбранува духот и го овозможува текот на мислите преку допирот со рапавоста на зборот кој се содржи во каменот. Водата е извор на болка ако е заматена и ако кристализираната свест не може да си го види својот одраз во неа поради збиеноста на молекулите, но и нејзината способност да ја раствора материјата за да ѝ ги промени својствата по кои таа се препознава. Водата е сеќавање за мигот кој ни бега од под прстите неусетно. Тоа е онаа вода од реката за која авторката вели:
Надојде вода,пенлива,зелена,матна,
тече,ромори,вриска ,се влече,
удира по брегови собира стари работи
и прави дупки во карпите стари.
Но тоа е и водата од дождот преку која лирскиот субјект се идентификува со бесмртната вода како волшебен митолошки реквизит чиј резултат е бескрајниот живот, односно лирскиот субјект се поистоветува со вечниот живот.
Огнот ја буди душата и поради него таа знае дека е жива. Огнот е иницијатор, испраќач, мотиватор, поттикнувач, придвижувач. Тој е збир на контрадикторности, тој стоплува и гори, дава и зема, прегрнува и отфрлува, асимилира и индивидуализира, ослободува и заробува, облагородува и жигосува. Се разгорува од воздухот, но умира од долгиот јазик на водата и од прегратката на земјата. Тоа е и оној оган кој гори во душите како што во една од песните пее нашата поетеса:
„ Ги собравме исечените гранки од стариот даб,
ги наредивме вкрст една над друга,
се собравме околу нив со нашето незнаење
дали да ги гориме или само да ги чуваме
како спомен за старото време.
Помина странец кој не мислеше како нас,
фрли шкорче од запален кибрит во нив
и полека се слушаше нивниот крцкот
како на стари коски кои одамна гнијат.
Полека почна да шишти и оган да се распалува,
а трепетот во нашите души се разгори...“
Во поезијата на Катерина, во низата симболи употребени во функција на филозофско-лирските метафори свое место има и дрвото. Дрвото што самее на ридот, упатува на длабоките траги на митското мислење на поетот, но истовремено ја претставува, човековата, односно поетовата индивидуа.
Стихот на Алексова Наумова зрачи со полнокрвни метафори со кои се претставува сушноста на јазикот македонски. Лирското Јас го бара никулецот на јазикот во секој дел од природата, во секој општествен дискурс, задржувајќи се на натуралистичкиот во кој секоја нитка го плете поимањето на јазикот и неговото значење за еден народ.
Во песната Јазик, во истиот поетски манир како и во останатите песни од стихозбирката,преку една убава компарација со бисерниот гердан и црниот бисер, но и стаклениот ковчег во кој се чува, поетесата го кодира стравот од губењето на идентитетот, на сушноста од која произлегува смислата на постоењето.
Читајќи ги стиховите на Алексова Наумова, се добива впечаток дека во секој стих, во секој поетски исказ се насетува потрага по себеси, напор за себеспознавање, за себеоткривање. Меѓутоа, тоа не е проблемско прашање кое секогаш треба да се бара во затскриените метафори и симболи, зашто во оваа поезија многу често се среќаваат и експлицитни поетски искази. Корените се човековата духовна втемеленост и сраснатост со родната почва, па така и стиховите во оваа стихозбирка се духовен повик за пронаоѓање на длабоките корени и егзистенцијалното поврзување со сопствениот идентитет. Потрагата по индивидуалниот идентитет во поезијата на Катерина Алексова Наумова се одвива паралелно со една друга, слична потрага – потрагата по националниот идентитет.
Оската на поетскиот дискурс околу која се вртат сите стихови на авторката е лирско-епската потрага по идентитетот (индивидуален и национален), потрагата по смислата на постоењето, потрагата по најбезбедните и најбезболните патеки што животот го носат во иднината. Во нејзината поезија, корените на минатото истовремено се и корени на сегашноста и корени на иднината. Алексова Наумова трага токму по тоа – по длабоките корени на иднината!
Во поезијата на Катерина Алексова Наумова семантичките полиња на термините метафора и метонимија се пресекуваат во семантичкото поле на персонификацијата.
Стиховите изобилуваат со емоционалност и сликовитост, со изразени визуелни елементи. Употребата на стилски фигури, меѓу кои најдоминантни се епитетот метафората,компарацијата, метонимијата, но и прозиопеза и апозиопеза, изразот на емоциите, употребата на слики и ритамот во стиховите, ја потврдуваат уметничката вредност на ова значајно поетско дело
Стихот е стабилен и сигурен, лиричен,тивок но доволно длабок и моќен. Јазикот е едноставен и разбирлив. Мислата јасна.Песните се пишувани во слободен стих (освен првата и последната).
Со стихозбирката „Корени“, Катерина Алексова Наумова, ненаметливо се наметнува како сериозен поет, наш современик, во македонската поетска ризница.
м-р Десанка Николова
Comments