top of page
Search
Writer's pictureEmilija Zlatkova Anastasova

ОСВРТ КОН РОМАНОТ „КУЛА ОД КАРТИ“ ОД ЕЛЕНА СИМОНОВСКА




м-р Десанка Николова

,,Животот е како кула од карти. Ако се измести една карта, ќе се распадне целата кула."

Романот "Кула од карти" од Елена Симоновска е конзистентна, софистицирана, емотивна, потресна приказна за родителската љубов, за истрајноста, за тоа како се останува силен после големи емоционални шокови кои како шамар ни ги удира животот.

Прекрасен психолошки трилер. Брилијантен и остроумен крими роман, кој ќе ви го задржи вниманието да го прочитате во еден здив.

Приказната на младата адвокатка Софија и нејзиниот сопруг Марко и нивната семејна агонија нема да ве остави рамнодушни, ќе ве наежи, ќе ви измами и некоја солза.

Слоевит книжевен дискурс кој експлицитно наметнува осетливи, длабоки теми продирајќи низ повеќе социо - психолошки, но и патолошки аспекти на општеството.

Прекрасни описи, мудри цитати, убаво изградени ликови, стабилни актантски триаголници, флуентни дијалози и богати монолози...Роман кој изобилува со длабоки психолошки понирања, со мисли за животот и родителството. Модерна, современа приказна со светски размери. Приказна сместена во четири држави, на два континента која интеркултурно ги поврзува Македонија - Австрија - Америка - Турција. Приказна која треба да излезе од овие граници како прирачник за родителство, како лекција за емоционално зреење, како задолжително четиво за победа над самиот себе.

Романот „Кула од карти“ е четиво за емоционалното созревање на личноста која ги надминува сопствените емотивни падови.

Роман кој ќе ве остави без зборови и ќе ве освои во целост.

Писателката ни ja открива интимната драма, лична борба на мајката, на родителите и од објективен чин ce трансформира во субјективно откривање на човековата свест и совест.

Низ приказната поделена во триесет и шест поглавја и епилог не води оминисцентен, сезнаечки наратор. Дејството во романот се одвива хронолошки.

Впечатливи се одличните познавања на детективското право и криминалистичките тактики, но и одличното познавање на психологијата.

Покрај одлично спакуваната приказна во „Кула од карти“ на Елена Симоновска посебно внимание привлекува граматиката на книжевните постапки во раскажувачкиот текст.

Уште со првото читање на романот „Кула од карти“ на Елена Симоновска воочлив е совршено издизајниран нуклеус како примарен сегмент на нарацијата, надополнет со катализатор кој е секундарен сегмент на раскажувањето којшто претставува премин од еден нуклеус кон друг и функции како наративни сегменти кои на прв поглед не изгледаат значајни, но имаат важна улога во раскажувањето. Покрај ова, во нарацијата на Симовска, мошне важна улога имаат и индексите коишто се детерминираат како описи, односно како дополнителни елементи за некој предмет или настан.

Во романот „ Кула од карти“, кардиналните функции (гнездата, јадрата, нуклеусите) претставуваат, вистинско „месо“ на раскажувањето. Една кардинална функција се поврзува со дејство кое отвора некоја последична алтернатива за текот на приказната.

Кардинални функции (јадра, гнезда, нуклеуси) во романот „Кула од карти“ се:

Прво јадро: Софија, Марко и Тадеј се подготвуваат и одат на свадба кај Дебора и Христијан.

Второ јадро: Софија и Тадеј се запознаваат со Паола и Рудолф Шварц.

Трето јадро: Тадеј е грабнат. Марко е повреден (почнува борбата на Софија). Срушена е кулата од карти.

Четврто јадро: Потрагата по Тадеј започнува. Средбата со инспекторот Волтер Шмит.

Петто јадро: Агонијата на Софија.

Шесто јадро: Закрепнувањето на Марко од физичката повреда во кобната вечер.

Седмо јадро: Средба со Фридрих и Константина.

Осмо јадро: Волтер се соживува со случајот (ништо не е случајно), Животната приказна на Волтер.

Деветто јадро: Тадеј во новиот дом на наводните Паола и Рудолф од другата страна на Атланскиот океан.

Десетто јадро: Помош од психијатар да се преброди тешкотијата, да се остане на нозе. Чуда се случуваат само ако силно верувате во тоа што го посакувате.

Единаесетто јадро: Писмото на Константина вистинска насока во потрагата на Тадеј и приближување кон целта. Разоткривање на мистеријата за наводните Паола и Рудолф Шварц. Појавта на Хајнрих Шмит!

Дванаесетто јадро: Непријатно изненадување за Волтер по сознанието дека грабнувачот на Тадеј е неговиот син Хајнрих.

Тринаесетто јадро: Соочувањето на Волтер со самиот себе и грешките од минатото. Храброста да се реплицира разумно.

Четиринаесетто јадро: Пронаоѓањето на Тадеј и враќањето во домот на Софија и Марко..

Петнаесетто јадро: Апсењето на Хајнрих и Ава. Секој треба да плати за грешките.

Шеснаесетто јадро: Одмор во Македнија. Доаѓањето на Сара во Виена. Нов дом за нови почетоци и принова во домот на Софија и Марко. Кулата од карти е изградена повторно.

Со помош на катализите во функција на книжевниот дискурс, Елена мошне умешно ги поврзала кардиналните фунции и направила совршен спој.

Романот „Кула од карти“ иако навидум едноставен, има сложена семантичка стурктура со бројни наративни сегменти.

За нарацијата на Елена Симоновска, карактеристично е тоа што создава дефнирани ликови чие семантичко поле се интегрира од почетокот до крајот на нарацијата.

Ликовите во романот на Симоновска се кондензант на наративната програма, како наратолошки сегмент кој ќе ја игра улогата на „макета“ за вредноста на ликот, односно на она што ликот „е“ и она што ликот го „прави“ како сегмент на раскажувачката структура.

Опозицијата стабилност – лабилност на ликот е забележлива и во длабинското ниво, односно на рамништето на актантните функции. Користејќи наративни техники во наративниот дискурс, Елена ја градела семантичката конструкција на ликовите. Во романот имаме семантички полни ликови. Ликови кои пред нас оживуваат. Авторката ги изградила своите ликови со име и презиме; портрет, односно физикусот на ликот. Елена во својата нарација направила биографија на ликот, со податоци за животниот тек на ликот. Ликот се фиксира во време, односно му се дава временска димензија. Симоновска на ликовите им дала генеалогија и предикати на ликот – постапки и дејства, односно неговите актантни функции. Посебно внимание обрнала и на вербални предикати на ликот – монолозите, односно мислите на ликот. Во рамките на оваа техника се класифицираат и соништата на ликот, особено оние кои во наративниот дискурс имаат претскажувачка функција (Соништата на Софија);

Авторката не оставила на случајност ништо ниту во врска со просторот (амбиентот) во кој ликот престојува, односно дејствува. Многу често сетингот ја има улогата на сема за ликот. Во нарацијата на Елена карактеристично е директното, односно непосредното портретирање како „мапа на душата“. Тие црти преку аналошки механизми се поврзуваат со психологијата на ликот што се портретира.

Во рамките на книжевниот дискурс, Симоновска употребила и наративни техники за дезинтеграција на лик. Таа дезинтеграција ја прави со реноминација – менување на името на ликот и со трансформација – разни семантички преобразби на ликот со промена на интегрирачките семи. Ова посебно се однесува на ликовите на грабнувачите на Тадеј.

Секако дека најкомплетен лик во романот е ликот на главната хероина Софија Ивановска. Млада, успешна адвокатка, македонка која има адвокатска канцеларија во Виена. Софија е сопруга на Марко и ужива во хармоничниот брак и љубовта со него. Таа е мајка на малиот Тадеј. Пожртвувана, борбена, издржлива,вистинска лавица, храбра и силна жена. Соочувајќи се со своите стравови, во виорот на сопственото страдање и играта на судбината не го губи тлото под нозете, напротив станува уште посилна, емотивно расте и ја добива најголемата битка. Соочена со најтешката битка, успева да остане психички стабилна и повторно со помош на сопругот да ја изградат својата срушена кула од карти. Акцентот на наративното јадро всушност е мајчинството и родсителството воопшто

Во ликот на Софија е олицетворена силната, безгранична, чиста и безусловна родителска љубов која ги поместува границите на невозможното. Љубов која се издигнува над се. Само со таква љубов и со хармоничен брак се градат длабоки и стабилни семејни врски во кои растат силни личности.

При интерпретација на ликот на Софија секако е многу важно да се анализираат и релациите со другите ликови кои ја потенцираат комплетноста на ликот. Во таа насока ќе ги спомнам релациите:

1. Софија – Дебора –како метафора за искрено пријателсатво

2. Софија – родителите – посебно односот и поврзаноста со таткото

3. Софија – нејзината сестра – како олицетворение за силната нераскинлива моќ на сестринсклата љубов. Сестрата како своја друга половина пред која душата сама се отвора, како најблиска личност и најдобра пријателка.

4. Софија – психијатарот – овој однос наметнува теми интересни за размисла во насока на културолошките аспекти и свесноста од потребата на соочување со самите себе, со своите болки и стравови.

5. Софија – Волтер – човекот кој иако далечен им станува близок, а ги поврзува семејната трагедија. А токму преку ликот на Волтер, авторката испратила многу силна и недвосмислена порака за родителството. Среќни родители создаваат среќни деца. Грешките на родителите направени во детството на едно дете сње рефлектираат и имаат последици подоцна низ животот. Нездравите семејни односи создаваат престапници и деликвенти. Грешката во родителството на Волтер е олицетворена во ликот на неговиот син Хајнрих.

И покрај тоа што Хајнрих е спореден лик, неговата интерпретација има важна улога во интеграцијата на пораката која ја носи овој роман. Хајнрих е продукт на лошото родителство.Неговите грешки се црните дупки пре кои Волтер како родител замижал или намерно ги прескокнал.

Интертекстуално, како семантичко поле во функција на нарацијата присутен е религиозно-филозовски дискурс. Софија, во своите размисли длабоко во себе често се повикува на Бог и неговата божја волја. Нејзините молитви, поврзувањето со Бог во храмот и клекнувањето на колена пред севишниот, Елена ги опишала со чиста емоција и топол лиризам.

Романот изобилува со прекрасни мисли и размисли на авторката. Таа вели:

„Совеста е тешка работа. Сопствената среќа не се гради врз туѓата несреќа... Гледајќи те тебе периодов јас научив многу работи за животот. Научив дека тој воопшто не е лесен. Сега си горе, утре си долу. Денес си среќен, утре си тажен. Животот е борба Софија, а ти си најхрабриот борец. И кога ќе ти ја погодат најслабата точка, ти продолжи да одиш! Не застанувај, затоа што животот ќе ти застане. Мора да продолжиш да се бориш, мораш да продолжиш да одиш.

Да, животот е кула од карти. Еден погрешен чекор, те враќа сто чекори назад и ти ја руши целата кула. Ако имаш сила, повторно почни да ја градиш.“

Стилот на Елена Симоновска е она највпечатливото, зашто читањето на овој роман се претвора во гледање филм. Живописно, колоритно, реално. Јазикот е лесен, едноставен, разбирлив. Описите се природни и ненаметливи. Нарацијата е спонтана.

Романот „Кула од карти“ го заслужува вашето внимание. Ќе го причитате во еден здив...ќе заплачете и ќе бидете среќни, но често ќе сакате да му се навраќате.

Побрзајте да го набавите додека има од првото издание и направете му почесно место на полиците во домашните библиотеки. Наше, а светско.


Во текот на читањето ми се наметнаа многу прашања, книгата ме воодушеви. Но она што ќе прашам сигурна сум дека ќе ги интересира и читателите.

ДЕСАНКА: Како настана приказната? Постои ли вистинска случка која те инспирираше и те поттикна да ја напишеш?

ЕЛЕНА: Да бидам искрена, приказната е моја креација, односно е измислена. Далеку од тоа дека е фантазија, сосема е реална и се случува и во реалниот живот. Вистинска случка не постои во моето опкружување, но верувам дека некаде постои. Морам да кажам дека тоа се на некој начин “моите стравови”. Откако станав мајка, секогаш работите ги гледам однапред, односно мислам на сите ситуации кои би можеле да се случат. Верувам дека секоја мајка има одредени стравови кон нешто и мора да признаеме сите дека си правиме разни сценарија во нашите глави, што не значи дека вистина ќе се случат. Ме поттикна токму моментот кога ја сушев мојата коса со фен и кога мислите ми отидоа во спалната соба каде веќе спиеја мојот сопруг и мојот син. Нормално следеше проверка, па откако се уверив дека се е во ред, седнав и почнав да пишувам за моите таканаречени “стравови”.

ДЕСАНКА: Постои ли реално модел за ликот на Софија или ликот е чиста творечка креација? Колку останатите ликови во романот се реални или се поистоветуваат со личности од реалноста?

ЕЛЕНА:Модел за ликот на Софија сум јас. Таа е одраз на мојот карактер, како јас би регирала во дадени ситуации. Творечка креација се случувањата во книгата. Останатите ликови претежно се реални во мојот живот, има и некој креирани, но повеќето се реални, како и ликот на Тадеј на насловната страна, тоа е мојот син - Матео.

ДЕСАНКА: Зошто Виена е избрана како сетинг во кој е лоцирано наративното јадро?

ЕЛЕНА: Сетингот во кој е лоцирано наративното јадро е Виена без некоја посебна причина. Можеби само поради тоа што Виена е град каде што не сум била, а би сакала да отидам.

ДЕСАНКА: Со оглед на фактот дека покажуваш големи познавања на детективското право, криминалистичката тактика и психологија на личноста, дали ако не си била наставник ќе си била детектив?

ЕЛЕНА: Не сум размислувала во насока на детектив, но психолог, да, можеби. Психологијата како наука од секогаш ми лежи на срце. Во врска со моите познавања на детективското право и криминалистичка тактика, во оваа книга се базирани на истражување. Настаните во книгата наложуваа да имам познавање од таа област, па доста истражував во таа насока..

ДЕСАНКА: Факт е дека она што се случува во романот се случува и во нашето секојдневие. Верувам дека во таа насока романот ќе го даде својот придонес за подигнување на свеста, да се влијае врз апаратите на системот. Колку ние како општество, како заедници покажуваме подготвеност да се справиме и истовремено да го спречиме исчезнувањето на децата?

ЕЛЕНА: Секојдневно слушаме на телевизија или читаме на социјалните мрежи за неубави настани како на пример исчезнување на деца. Тоа е морбидно само да се слушне, а не дај боже да се доживее. Правата на децата се заштитени со закон, така што верувам и дека ние како општество, како заедници сме подготвени за справување со ваквите случаеви. Но некои работи некогаш и не можат да се спречат. Верувам дека институциите прават се што е во нивна можност да спречат или да се справат со веќе сторениот чин, но не секогаш исходот е позитивен, за жал.

ДЕСАНКА: Романот носи силна универзална порака за родителството. Што ти како родител и наставник би им порачала на читателите?

ЕЛЕНА: За ова би можела да зборувам со часови, но ќе се обидам да бидам кратка. До родителите: - Сакајте ги вашите деца и поддржувајте ги во се. Бидете другари со нив, ставете се на нивно место во дадени ситуации или пак вратете се во вашето детство. Учете ги децата на љубов и почит кон сите и што е најважно бидете пример пред децата како треба да се однесуваат тие. Децата не се учат со зборови, се учат со вашите дела, вие сте нивно огледало. Несвесно сите правиме грешки, но гледајте да имате контрола врз она на кое сведочи вашето дете. Читајќи го романот ќе сфатите до што може да доведе лошото однесување пред очите на децата и на каков пат може да го однесе вашето дете. Секое дете заслужува да биде среќно! Како наставник, само ќе се надоврзам на горнаведеното и ќе надополнам дека лично мене пред се најважно ми е децта да доаѓаат со радост на училиште и тоа да биде место каде ќе бидат пред се среќни. Ако сме го постигнале тоа, половина работа во однос на воспитно-образовниот процес ни е завршена.

УЖИВАЈТЕ ВО ЧИТАЊЕТО!




128 views0 comments

Commentaires


bottom of page