Search

ПРВА РЕЦЕНЗИЈА за „Мајка од Магла“-Габриела Давидовска Баниќ


од Ана Ѓурова


„Трката по пари за подобар живот може да го уништи животот на вашето дете и наместо вас тоа да ја истрча трката до крај на невозможен начин. А вие наместо најдобрата и најсаканата мајка, ќе станете мајка од магла, присутна, но невидлива.“


Романот е првенче на македонски јазик на авторката.


Воодушевена сум од стилот на пишување, лесен, читлив, предобра нарација и многу добро претставени ликови. Ни доловила една трогателна приказна за едно семејство и нивната меѓусебна врска. Од самиот почеток ќе ве привлече и додека ја читате ќе почнете да си претпоставувате за што се раскажува. Ќе имате едно мислење за мајката, а сосема друго за ќерката. Но, крајот ќе ви ги смени мислењата сосема обратно и ќе ве шокира. Романот содржи многу добра поука на крајот од приказната, а кога ќе прочитате ќе ја дознаете. Авторката умешно ни доловува една семејна судбина, приказна за една пожртвувана мајка која се бори со мачниот и суров живот за подобро утре. Млада девојка од Прилепско има сон да замине во главниот град и да ја смени својата судбина. Пуста желба за подобар живот, но тие не ни го кројат животот. Тој самиот ни носи предизвици и ни ја крои судбината. Така и сонот на оваа девојка ќе пропадне во вода, бидејќи животот и смислил друга судбина. Патот кој таа си го зацртала ќе и го попречи љубовта, а потоа и нејзината бременост. Нејзиниот сопруг алкохоличар ќе почне да ја малтретира физички. Неможејќи да ги издржи овие напади, по извесно време нејзиниот сон повторно оживува и таа решава да си го исполни. Поттик за тоа е нејзината ќерка на која сака да и обезбеди подостоинствен живот. Таа ја остава ќерка си кај сопругот и заминува во главниот град. Таму работи напорно и на повеќе места за да обезбеди услови за подобар живот. Додека се труди со сите сили за да го направи тоа, не приметува дека се оддалечува од својата ќерка и и' станува странец. Судбината и животот се чудна приказна, не се знае што може секој миг, секоја минута, секој ден да ни сервира пред себе. Романов обработува една тажна, трогателна и длабока тема, односот меѓу блиските, но најголем фокус е ставен на односот мајка-ќерка. Ќе почнете да размислувате кои се вашите предности, вашите вредности во животот и за кои вреди да се жртвувате и за што поточно се жртвувате. Успехот не е секогаш гаранција за среќен крај. Никогаш не се стремите да имате нешто повеќе од тоа што го имате. Бидејќи колку тежнеете кон повеќе и се искачувате едно скалило погоре, така еден ден ќе се стркалате по сите скалила надоле и целосно ќе се здробите . Откако ќе се искачите на врвот друг ги плаќа вашите гревови, друг го носи вашиот товар, некој со чиста и невина душа кој не го заслужил тоа. Крајот на романот ќе ви предизвика солзи на очите, ќе ве растажи и ќе ви треба храброст за да прочитате што оваа "пожртвувана" мајка направила за своето дете. Сите тајни еден ден ќе станат јавни и се ќе излезе на виделина. Убавите куќи, убавите коли, големите простории сето тоа е минливо, во еден миг може да го снема. Но, безусловната љубов на нашите дечиња со очите вперени во нас, тоа е единствено нешто што е присутно во нашиот живот, но не секој кој го има го цени тоа.

„Никогаш не дозволувајте децата да плаќаат за вашите гревови.“

142 views0 comments