Маријана Ѓорѓиевска Мишовска
Уште едно одлично дело од наш автор што заслужува внимание. Роман за една добра, млада и успешна девојка Дарија. Таа има речиси се, добро образование, убава работа и прекрасно семејство. Но, и недостасува љубов, искрена и вистинска. По едно лошо искуство во минатото, болните спомени, предавството од блиски личности, таа не се осмелува повторно да се впушти во љубовна авантура.
Но, еден повик ќе смени се. Таа се враќа во родниот град, за уште еднаш да ја покаже хуманоста на дело. Тука ќе се соочи со сите спомени, и добрите и лошите, ќе се сретне со виновниците за нејзината болка, ќе се наврати на детството.
Дарија е силна, храбра и решителна млада жена, но дали ќе потклекне пред предизвикот, дали ќе ги преброди старите рани, кои стојат отворени и силно печат? Дали ќе се ослободи од сиот товар што и лежи на душата? Дали ќе го испразни преполниот куфер со чувства на вина, кој низ годините и бил верен придружник? Ќе биде ли конечно спремна за нова љубов, и дали таа љубов за која секогаш мечтаела, воопшто ќе се појави?
Роман за љубовта, разочарувањето, неверството, но и за вистинските семејни вредности и врски, хуманоста и добрината. За желбата, секогаш да се помогне и да се подаде рака, дури и на оние кои не заслужуваат. Дали животот ќе ја награди Дарија за сите добрини, и ќе и надомести за сите страдања?
Одличен приказ на главните ликови, богат стил и опис на нивните психолошки карактеристики и борби. Многу епитети, метафори и мудри мисли се вткаени во оваа книга за комплетно доживување и уживање.
Топла препорака
Comments