Search

Рецензија за „Умрев за да оживеам“ - Габриела Давидовска-Баниќ


Билјана Мартиновска (писател)


Како ретко кога уживав во дело на наш автор, односно авторка! Ми се допадна целокупната приказна којашто уште со заплетот ве вовлекува и ве тера да ги вртите страниците со нетрпение, желни за она што ве очекува понатаму.

Дејството започнува во едно наше планинско село, па не` води дури до величествениот Париз и неговите раскошни убавини. Главниот лик, Билјана може да биде било која жена. Билјана може да сме сите ние, затоа што она што таа го искусува е блиско до секоја македонска жена особено жена родена и израсната во рурална средина, на која животот уште од мала ја казнува немилосрдно, па таа мора да порасне лишена од мајчинската љубов и прегратка.

Младото и неискусно женското срце замижува пред злата судбина и во во желбата за љубов се втурнува во брак со човек кој едвај го познава. Мора да живее во заедница со свекорот и свекрвата, но исто така и да ја прифати ќерката од нејзиниот сопруг од првиот брак. Тоа не и` паѓа тешко, Билјана носи срце на ангел.


Патријархалното семејство и обичаите кои владеат во него се толку сликовито опишани, што ќе почувствувате за миг дека сте токму таму, во селската куќа во која се знае местото на мажот, на главата во куќата. Телото ќе ви затрепери од строгоста на нејзиниот свекор, но и душата ќе ви се згрее од милоста на младата Билјана и нејзината послушност и прекраснотија. Токму тој битово-социјален елемент во романот е она што ме воодушеви. Ме фасцинираше раскажувачкиот тон на авторката која ни го доближува начинот на живот преку одбрани зборови низ кои провејува традицијата, вкусната храна и блеењето на козите, неодминлив дел од амбиентот во селото.

Билјана има се` и не бара ништо повеќе. Единствен нејзин страв е дека синот Александар може да успее во неговата намера и да замине од државата засекогаш, во потрага по подобар живот. Тука се соочуваме со нашата реалност, со непресушната желба на младите да заминат што подалеку од родното огниште и да изградат живот во туѓина. Отсликан е македонскиот менталитет со сите негови доблести и маани, нешто што ќе ве насмее, можеби и растажи.

Навидум идиличниот семеен живот на Билјана го заматува сознанието дека не му била доволна на сопругот. Барајќи одговори на прашањето каде згрешила и со што ја заслужила таквата навреда и болка, таа несвесно му дава на синот виза за заминување од кое и самата се плашеше.

Кога Александар заминува и ја остава мајка си сама во селото, таа всушност од тој момент целосно се менува. Сфаќа колку била силна и колку уште живот имало во неа. Човек може да умре сто пати, но сто и еднаш да оживее за најмилото, најсвоето, најблиското нешто на срцето – чедото свое.

Срцето ќе ви затрепери од моќта на мајчинската љубов, но и обратно-од љубовта на синот кон мајката лавица. Нема да останете рамнодушни на нејзините зборови и макотрпниот живот кој таа ќе го изживее за да конечно оживее.

Патувањето не завршува тука, зашто животот не завршува кога ние сакаме.. Така, некогаш козарката Билјана ќе успее да стигне до својот син, до градот на љубовта, Париз и ќе сфати дека сета болка на душата полесно се заборава кога се оддалечуваш од неа и се издигнуваш над неа. Токму таму, Билјана ќе се трансформира во една сосема нова личност која ќе умее да ја најде среќата во себе и во другите нешта околу неа.

И покрај сите сомнежи, треперења и стравови, Билјана ќе сфати колку живот имало во неа. Ќе си докаже себеси колкава моќ поседува и колку е важно понекогаш да се послушаат и помладите, да се слушне срцето за сонцето пак да не` огрее.

60 views0 comments