top of page
Search
Writer's pictureEmilija Zlatkova Anastasova

Рецензија на романот „Добро утро, љубов!“

од Срѓан Ивановиќ, автор и новинар


Човекот се плаши за својот живот само ако нема нешто повредно за губење. Само ако животот не му е најдрагоцената работа, тогаш тој се плаши од природни непогоди, војни или турбуленции во авион. Но, доколку веќе го изгубил тоа што е повредно и од животот, тогаш стравот му исчезнува. Или, како што тоа маестрално го опишува авторката Милена Лунеска во романот „Добро утро, љубов!“, во извадокот што остава без здив: „Болката за изгубеното дете ти го убива стравот. Што пострашно може да ти се случи? Смртта на најмилото ти ја одзема желбата за живот. Се плашиш само за други, но не за себе.“

„Добро утро, љубов!“ е најмалку љубовен роман. Тоа е дело посветено на болката, на несреќната љубов, на повредените чувства и на изневерената доверба. Кога двајца се заедно, тие и не мора да се вљубени за да не бидат повредени потоа.

Но, во длабоката анализа на главната хероина од романот, откриваме и дека, во отсуство на вистинска љубов, возможно е да се создаде силна врска која е предизвикана од чувство на сосем непостоечка одговорност. Луѓето родени во големите метрополи, ваквото однесување би го оквалификувале како „провинциска глупавост“, не разбирајќи ја воопшто комплексноста на животот во помалите средини, каде што секој се знае со секого и каде што, неретко, целото маало учествува во воспи-тувањето, растењето и развивањето на една личност. Во такви услови, љубовта се меша со почитувањето, а страста со срамот. Љубовните врски се добредојдени, но само во рамките на непишаните правила на заедницата, кои претпоставуваат дека по определено време, врската ќе биде крунисана со брак.

Уште еден сегмент од романот, што е мошне интересен за анализа, е тенденцијата на заедницата да им помогне во неволја на истите оние луѓе, кои со своите постапки се ставени на столбот на срамот, па, речиси, се исфрлени на маргините од општеството, осудени секојдневно да го гледаат презирот од сопствените постапки во лицата на своите сограѓани.

Самиот феномен на прељуба како и на изневерена младешка љубов, е нешто што остава длабоки последици на една помала заедница. Тие последици ги чувствуваат цели семејства. Токму тоа е мајсторски претставено во делото на Лунеска, која на извонреден начин го воведува читателот во возбудливото четиво, успевајќи да му даде јасна слика за чистотата на една заедница, која држи до својата чест, но со години не може да се опорави од болката.

„Добро утро, љубов!“ е роман кој ѝ е потребен на македонската белетристика и еден од ретките во кој успешно е опишан менталитетот на обичниот човек, што е успех само по себе. Во претпоставената борба на доброто и злото, Лунеска ќе ве увери дека, всушност, никој не е зол, туку природата на нештата го води животот во непредвидлив правец, кој ни малку не е лесен. Животот го прават луѓето, а тие се несоврше-ни, полни со љубов. Од друга страна, љубовта ја носи со себе страста која тешко може да се заборави.

Но, како што и по најтемната ноќ зазорува зората така и во најтешките мигови за една напатена душа, настапуваат денови на љубов и на среќа.


48 views0 comments

Comments


bottom of page