Убавината на болката
Некои книги имаат душа и срце, чии отчукувања ги чувствуваш штом книгата ја подигаш в раце - таква е книгата „Убавината на болката“ од Никола Митовски. Како второ дело на младиот автор, претставува градење на писателското „јас“ кое постојано се провлекува низ стиховите. Поезијата говори за љубовта што боли, за младоста која тлее и за загубата која ниту едно време, во иднина или минато не ја лечи.
Поезијата е составена од четири целини, кои говорат штом почнуваш да ги прелистуваш страниците. Низ страниците се наоѓаат стихови, кои се многу подолги од што на почетокот изгледаат. Делото е богато со стилски изразни средства, па така самото зборува за себе и литературната вредност. Римата е дел од засладувачот што ја затскрива болната реакција.
Првиот дел од книгата говори за стравот кон самољубието, како основа на сѐ што било и допрва доаѓа. Во вториот дел авторот се соочува со стравот од емоција која со себе носи празна широчина. Веќе во третиот дел доаѓа до чекорење низ сопствената слобода. А последниот дел завршува со епилог за вистината и самооткритието. Болката е исто што и љубовта, а љубовта исто што и болката.
Поезијата на Никола е нешто што може одново и одново да се чита, а сепак, секогаш да изгледа како прво читање на реалната приказна низ која тој минува, а читателот сочувствува.
*Книгата е саемски новитет. Ќе биде достапна на саемот на книгата од 23 април.
Автор
Никола Митовски

