top of page
Корени

Корени

Поетскиот ракопис „Корени“ на Катерина Алексова Наумова воодушевува со родољубивиот и носталгичен поетски дискурс кој импонира со својата оригиналност и повеќезначност. Нејзините стихови се проникнати со богати книжевни, традициски, естетски и животни искуства.

Во песните на Алексова Наумова, лирскиот субјект истовремено е и поетово Јас и општочовечко Ние, при што рафинираноста на поетскиот израз се остварува како резултат на автентична поетика.

 Читајќи ги стиховите на Алексова Наумова, се добива впечаток дека во секој стих, во секој поетски исказ се насетува потрага по себеси, напор за себеспознавање, за себеоткривање. Меѓутоа, тоа не е проблемско прашање кое секогаш треба да се бара во затскриените метафори и симболи, зашто во оваа поезија многу често се среќаваат и експлицитни поетски искази. Корените се човековата духовна втемеленост и сраснатост со родната почва, па така и стиховите во оваа стихозбирка се духовен повик за пронаоѓање на длабоките корени и егзистенцијалното поврзување со сопствениот идентитет. Потрагата по индивидуалниот идентитет во поезијата на Катерина Алексова Наумова се одвива паралелно со една друга, слична потрага – потрагата по националниот идентитет.

Оската на поетскиот дискурс околу која се вртат сите стихови на авторката  е лирско-епската потрага по идентитетот (индивидуален и национален), потрагата по смислата на постоењето, потрагата по најбезбедните и најбезболните патеки што животот го носат во иднината. Во нејзината  поезија, корените на минатото истовремено се и корени на сегашноста и корени на иднината. Алексова Наумова трага токму по тоа – по длабоките корени на иднината!

Стихот на Алексова Наумова е стабилен и сигурен, лиричен, тивок, но доволно длабок и  моќен.

Со стихозбирката „Корени“, Катерина Алексова Наумова ненаметливо се наметнува како сериозен поет, наш современик, во македонската поетска ризница.

 

 

м-р Десанка Николова

    ден250,00 Regular Price
    ден200,00Sale Price
    bottom of page