top of page
Search
Writer's pictureEmilija Zlatkova Anastasova

Рецензија за "Заробена во сопственото тело" од Марга Велеска


Елена Симоновска

Животот е чудо... Но секој од нас го доживува на поинаков начин. Не постои универзално упатство како треба да живееме, како да се однесуваме, но сепак сите имаме сопствено животно искуство. Најважно е да уживаме во животот и да бидеме среќни.


“Не му се предавај на очајот. Животот не е ниту подобар, ниту полош од нашите соништа. Само целосно поинаков.” - Вилијам Шекспир


Се раѓаме, а не знаеме што не очекува. За што сме виновни? Некој друг ја скроил нашата судбина за тоа дали ќе бидеме исти како другите или можеби поинакви. Што е тоа со нас и животот, во какви конци се вплеткуваме, во што влетуваме со нашата волја, а во што неволно? Што зависи од нас и што можеме да сториме со самите себе?

Не сум многу вешта во размислувањата околу ова, го претпочитам повеќе животот, отколку да размислувам за него, но како и да го свртиме, излегува дека повеќето работи се случуваат без нас и нашата одлука.


Токму таква е животната приказна на нашата Марга Велеска која низ својата автобиографија преку ликот на Миа ќе ни ги пренесе своите искрени чувства и емоции, за нејзината болка и невиност што токму таа, како предвреме родено дете е несвесна за она што го носи нејзината иднина.


Во ова дело авторката живописно раскажува за животот на Миа од најмала возраст и не води во длабочините на својата душа. Таа се соочува со своите стравови, води емоционални борби, а потоа решава и да се бори за својата подобра иднина. Се помирува со судбината, но никогаш не се откажува од своите соништа. Ги превзема работите во своите раце и прави се што ќе и го подобри животот. Семејството е нејзина поддршка, особено нејзиниот татко во чии зборови иако се сомнева самата таа и колку и да и звучат грубо, сепак ја постигнуваат целта да ја тераат да се бори и да докаже дека може да успее. Се соочува со загуба, болест на најблиските, доживува, падови, а потоа повторно се издигнува над сето тоа, благодарение на љубовта. Љубовта...ах, таа пуста љубов! Може ли човек да живее без неа? Секако дека не. Тоа е одговор на сите нас. Но љубовта на еден маж и една жена треба да се взаемни. Но знаеме дека љубовта знае да биде и при очи слепа. Двапати таа си поигрува со нејзините чувства, но сепак тоа не значи дека треба да се откаже од своите соништа. Оти нив, никој не може да ни ги земе...тие се само наши.

-Никогаш не откажувај се од љубовта, откажи се од човек кој не знае да сака или пак едноставно не е за тебе. Оти со чувства нема играње, особено не, со оние на најчувствителните...

Дали соништата на Миа ќе се срушат и повторно ќе се изградат и дали таа ќе се издигне над сите падови и повторно ќе се вивне високо во облаците со надеж за подобар живот и подобра иднина, ќе дознаете читајќи ги страниците од оваа книга.

Она што ме воодушеви мене во пишувачките способности на Марга е нејзиното длабоко опишување на нејзините чувства. Таа толку живописно ги опишува, што за миг се чувствувате како да сте во нејзината кожа. Друга работа е што ги признава и нејзините негативни мисли кои и прелетуваат во дадени ситуции и моменти, за кои веднаш е свесна дека се погрешни и се прекорува самата себе што воопшто помислила такво нешто. Значи брзо се враќа во колосек и продолжува со својата искрена и чесна душа.

Оваа книга го заслужува вашето внимание и верувам дека ќе ја прочитате во еден здив. Побрзајте да си ја набавите и да и направите почесно место на вашите полици во домашните библиотеки.


49 views0 comments

Comments


bottom of page