Марина Кљајиќ
Уште едно дело на Баниќ кое несомнено ќе ги освои македонските читателски срца! Преку главната хероина во романот, авто-рката не' доближува до традиционалната македонска жена.
Следејќи ја судбината на Билјана, сликовито и слоевито е прикажан животот на едно типично македонско семејство. Со раскошен стил, умешно ги доловила контрастите на денешниот свет - од една страна, микрокосмосот на кроткиот селски живот а од друга страна големиот, далечен, недо-стижен град со својата модерна грамадност. Почувствувајте ја атмосферата која владее во куќата на Билјана, доживејте ги начинот на живеење, обичаите, традицијата која сел-скиот живот неминовно наметнува да се негува и посведочете особено за положбата на жената во таа идила.
Билјана е домакинка, сопруга, мајка, макеа, снаа, невеста. Таа на своите плеќи го носи огромниот товар на целата куќа, неуморно работи од зори до мрак, се грижи за сите и за сѐ во домот. Типична македонска жена, патријархално воспитана, чесна, вредна, полна со љубов. Но, за жал, она што за возврат го добива од сите домашни е далеку од заслужената благодарност,признаие и взаемно почитување. Не, неа животот не само што не ја милува, туку буквално ја камшикува, удира силно и допира длабоко, остава траги во душата. Единствена светла точка во нејзиниот живот е нејзиниот син, чедото за кое сонува да живее подалеку од селото, поинаку од неа. Нешто што секоја мајка би го посакала и од петни жили би се потрудила да го оствари. Иако е далеку од неа, таа се радува за неговите успеси и само го бодри и поттикнува да сонува, да верува,да ги рашири своите крилја и да "полета" во поубав живот.
Оваа напатена жена, пожртвувана мајка, неуморна домакинка, навидум нескршлива душа, давајќи го последниот атом од себеси, во еден момент се соочува со својата најголема кревкост - дека сепак е само човек, чиј скршен дух и пропаднато тело, едноставно, не можат повеќе. Препуштајќи се на судбината, Билјана и погледнува во очи на смртта, метафорички, и уште еднаш нè потсетува дека понекогаш потребно е "да умреме" за да се издигнеме одново, овојпат посилни и поживи. Ликот на Билјана е новото име на типичната македонска жена од денешнината, жена - столб на семејството и домот, негувачката на традицијата, но пред сѐ носителот на новото и промените.
Comentarios