top of page
Search

Прва рецензија од читател за „Добро утро, љубов!“ - Милена Лунеска

од Ана Ѓурова

Добро утро, љубов!

Романов е тажен,вознемирувачки, длабок и толку моќен што со својата приказна носи многу добра поука.Толку сум пријатно изненадена што само кратко и јасно ќе кажам дека е феноменален.

Авторката толку мајсторски, умешно ги везе, ги ниже зборовите, речениците, приказните во него како кога се редат бисери на еден ѓердан.Умешно составува бисер по бисер се додека не го заврши ѓерданот кој на крајот изгледа прекрасно и сакаш да го имаш.

Ова е прв роман кој во целост ми се допадна, почнувајќи од наслов,преубава корица, ликови, приказна, но најмногу ми остави впечаток стилот на авторката.Толку добро напишан, добро слеан и впечатлив роман, посебно од наши автори, одамна не ми дошол во рака. Браво за нашата авторка изненадена сум од нејзината нарација.

Ликовите толку се добро претставени што не може да не сочувствуваш со нив, да не ги поддржиш. А приказната е прекрасно доловена и кога ќе ја почнеш не ти се остава додека не ја завршиш. Приказната е за младата Дарија која живее во Германија и се враќа во родната Македонија. Девојка со големо срце која знае само за добрини и прави добри дела дури и на тие што ја изневериле и предале. Но кога ќе стаса во родниот град соочувањето со тие луѓе ќе и ја отворат одамна затворената рана на срцето која повторно ќе почне да крвари.Таа рана ќе и ги врати сите тажни спомени, лаги, измами кои ќе излезат од неа како ерупција на вулкан чија пепел ќе почне да и ги гори нозете. Поради тие лаги и измами нејзиното срце долго време е обвиткано со трње кое дури пуштило и корени во неа.Таа соочувајќи се со минатото полека ги искорнува тие трња и нивниот корен за да ја ослободи тежината од душата и да се подготви за вистинска љубов. Патот на љубовта е навистина чуден. Не знаеш кога и каде ќе ти излезе тој, вистинскиот, со полно срце и љубов, искрена и чиста, без лаги, измами и предавства. Кога ќе се случи тоа, треба со раширени раце да го пречекаме и да го прегрнеме,бидејќи само тој може наутро да ве разбуди и да ви каже "Добро утро,љубов"!

Романов ни претставува неколку животни приказни,човечки судбини кои иако испреплетени толку добро се слеани една во друга и прават една целина.Како куфер полн со различна гардероба од кој вадејќи едно по едно парче облека се празни, но останува цел носејќи ја таа тежина.Оваа книга освен за љубовта ни ги прикажува предавството,измамата,лагите,неверството,болката од драги и блиски личности,но претставен ни е и семејниот однос кој секогаш се издигнува над секаква болка и рана.Бродот наречен "живот" плови по сите страни на светот и не знаеш кога и кој ќе се качи на него.Некогаш се мили луѓе кои си одат по својот пат,а некогаш луѓе кои имаат маски,се преправаат и изневеруваат.Тоа се тие пријатели кои биле покрај тебе,си ги чувствувал за свои блиски,но токму тие те предаваат и измамуваат. Додека ти мислиш дека тоа е вистинско другарство и го негуваш и одржуваш како коренот на дрвото ,но кога неговите гранки ќе станат густи, полека почнуваат некои да се кршат за да им ослободат простор на новите гранки.И така започнува ривалството,лагите и измамите.А со тоа титулата "другар" се губи и не се стекнува,ни пак се купува,тоа се покажува само на дело.Исто како и љубовта треба да сакаш безусловно и со цело срце,а не да држиш некого покрај себе без љубов,а во исто време да го мамиш и изневеруваш. Сите лаги,измами и неверства се откриваат со тек на време,а најмалку кога не очекуваш ќе ти се појават пред лице.И токму тие лаги и дволичноста најмногу болат,а не неверството или предавството.Тоа ќе направи многу рани,болки во душата,но ќе дојде време кога некој ќе ги залечи тие рани ,ќе ти ја исполни душата со огинот на вистинската љубов,со светлината во нечии очи.Сè е минливо, сè сe менува во животот, пријателите ги заменуваат други, но останува вечна само вистинската љубов. Која кога ќе дојде ги шири рацете како зраците на сонцето и те грее со својата топлина во нејзината прегратка. Се додека има нов ден има нова надеж, после секое зајдисонце мора да има изгејсонце. Сакајте се,почитувајте се,дружете се,не се служете со лаги,измами и неверства,бидејќи се испливува на површина.Како човек кога се дави и бара рака да му подадеш, а таа ќе ја пружи тој што сте го повредиле, излажале или измамиле.Тој кој не гледа назад,го остава минатото во минато, а во себе носи добра душа со чисто срце.

Топла препорака од мене за книгата "Добро утро, љубов!"

216 views0 comments
bottom of page