top of page
Search

Прва рецензија од читател за „Новогодишна ноќ“

од Марина Кљаијќ

Книгите на Емилија ги очекувам со нетрпение а ги читам со сласт, во еден залак. Утрово ја добив мојата копија од нејзиното најново дело на што се израдував како дете на новогодишно пакетче И баш како дете кое во еден ден ги дегустира сите слатки од истото, така и јас во еден ден "ја вкусив" оваа преубава приказна. Уживам во стилот на пишување на авторката и особено ми се допаѓа што секоја книга го содржи нејзиниот препознатлив печат - верата во Бога и важноста на истата.

Приказната е толку возбудлива, неизвесна, емотивна, потресна, и особено интересна што целосно го задржа моето внимание и навистина не можев ни да претпоставам дека ќе има таква завршница. Емилија, секоја чест, навистина ме воодушеви.

Марта и Јаков се брачен пар, родители на 6 годишната Мила. Среќното семејство, Македонец и Германка кои живеат во Германија, за прв пат патува во Македонија, со цел Марта и Мила да го запознаат семејството на Јаков. Сѐ се одвива по планот, патувањето се одвива во најдобар ред, влегуваат на територијата на Македонија и уште неколку часа ќе ја прослават Новогодишната ноќ во Куманово. Барем така изгледа, сѐ до моментот кога дали поради лошиот пат, или замрзнатиот коловоз, или пак поради камионот кој се појавува, се случува сообраќајна несреќа...

Шест месеци подоцна, Марта се буди од кома и ги бара својата ќерка Мила и својот сопруг. Само што, сите, вклучително и сопругот Јаков, ѝ велат дека таа е Лидија, Македонка која никогаш немала ќерка... Шест месеци подоцна, Марта која со своето семејство тргна на новогодишна забава во очекување на новогодишен подарок од својата ќерка, е Лидија и е пациент на психијатриско оделение.

Колку е потребно за да се промени целосно животот? Какви последици може да остави една сообраќајна незгода? Можно ли е да дојде до целосно пореметување на мозокот? Дали фантазијата е толку голема и силна што може да натера една жена да верува дека е нечија мајка? Прашања кои се наметнуваат читајќи. И најдлабокото од сите, кое ме обзеде мене - што доколку она во што е убедена Марта е вистина? Како ли се чувствува една мајка чие чедо е "избришано" ?! Колкава мора да е нејзината агонија ?

А одговорот на сите прашања е само еден - " Божјите патишта понекогаш се многу чудни, но сепак возвишени и полни со смисла..." Бог, семоќниот и возвишен творец, оној во чии "раце" е сѐ, верата во Него е она што Марта ја одржува во живот кога сите ја отпишале и предале. Барем така верува таа.

Во одреден момент, патиштата на Марта односно Лидија, се соединуваат со свештеникот Михаил и инспекторката Силјановска. Ќе поверуваат ли тие во нејзината приказна? До какви сознанија ќе дојдат? Што ќе се случува до наредната новогодишна ноќ? Е, тоа мора да го откриете сами!

Топла препорака и уште еднаш - честитки Еми!

Во фокусот на приказната е една сообраќајна несреќа, а подлабоко авторката ни доловува една реална слика на нашето општество, сурова реалност која ја живееме, факти со кои секојдневно се соочуваме и пред чија неправда остануваме неми и немоќни.

76 views0 comments
bottom of page